ФМП и Куманово убедливи, Кожув пресилен за Пелистер

Куманово очекувано ја оправда фаворитската улога на дуелот против вториот тим на МЗТ Скопје, триумфирајќи со убедливи 95-65. Младите „штркови“ изненадија добивајќи ја првата четвртина со 19-20, не дозволија домаќинот да се одлепи до крајот на полувремето (43-38), но пресудија последните десет минути во кои кумановци целосно доминираа (28-7) и на крајот стигнаа до убедлив триумф.

Атанасов беше најефикасен со 21 поен, а својата минутажа одлично ја искористи и Мишо Тодоровиќ, кој за 20 минути реализираше 16 поени (четири погодени тројки), пет асистенции, два скока и една украдена топка.

ФМП заслужено прокнижи нови бодови, декласирајќи го составот на Вардар со убедливи 95-66. Нацевски одигра уште еден фантастичен меч постигнувајќи 29 поени, а на Американецот Харис му недостигаше само една асистенција за трипл-дабл остварување (21 поен, 11 скокови и 9 асистенции). Робев со 13 поени беше единствениот кошаркар со двоцифрен ефект кај Вардар на овој натпревар.

Кожув неочекувано лесно триумфираше на гостувањето во Битола против Пелистер (66-80). Стајиќ со 24 поени беше главна фигура во победничкиот тим, Караџовски постигна 15, додека Мареро забележа дабл-дабл од 14 поени и 12 скокови.

Се вчитува...