Фокусот на богатиот прволигашки ден е во Куманово

По возбудливите дванаесет натпревари од првите две кола, прволигашката кошарка на терените ширум Македонија продолжува денеска со два натпревари во Скопје и по еден во Куманово и Гевгелија.

Еден од нив ќе започне во 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде силите ќе си ги одмерат МЗТ Скопје 2 и Гостивар. Двата тима на овој меч влегуваат на крилјата на победите во претходното коло над Ангели, односно Куманово и ќе бараат влез во победничка серија. Во пресрет на овој натпревар фокусот ќе биде ставен на бековската позиција каде ќе се сретнат Максим Митевски и Елијасу Ворку кои го одбележаа претходното коло.

Од 18 часот ќе се одигра и натпреварот во СРЦ „Кале“ каде Работнички ќе ги пречека Ангели. „Црвено-белите“ по два одиграни натпревари се перфектни со две победи, а новлијата од Кисела Вода сеуште го бара првиот триумф. Центарци доколку сакаат да стигнат и до третата победа ќе мораат да обрнат вниамние на американсото дуо Васар-Мандерсон, а „зелено-белите“ да го лимитираат противникот во обидите за три поени.

Час подоцна, од 19:00 Куманово го пречекува ТФТ во натпреварот на денот. „Сино-белите“ се мачат на отварањето на сезоната, а за разлика од нив тимот од Тафталиџе блеска на паркетот. Избраниците на Боро Смилковски влегуваат како фаворит во денешниот дуел, но јасно е дека „црно-белите“ нема да имаат лесна задача против БИБЛ-лигашот.

Од 19 часот во Гевгелија силите ќе си ги одмерат и Кожув и Академија ФМП. Двата тима по две одиграни кола сеуште чекаат на првата победа во првенството па овој дуел ќе биде исклучително важен за „црвено-белите“ и „црвено-сините“. На него ќе биде интересно да го проследиме дуелот помеѓу Вилијамс од едната и Крстајиќ од другата страна, водечките кошаркари на двата тима.

Богатата програма од третото коло ќе биде комплетирана в понеделник со натпреварите помеѓу Пелистер и Феникс 2010, односно Еуро Никел и МЗТ Скопје.

Се вчитува...