Форбс: Меѓу сто најдоброплатени спортисти нема ниту една жена!

Магазинот „Форбс“ ја објави листата на сто најдоброплатени спортисти во светот. Но, она што ја шокираше јавноста, а посебно женската популација, е тоа дека на оваа листа нема ниедна спортистка. Што е своевидна илустрација за големата разлика што постои во вреднувањето на машкиот и на женскиот спорт.

Ова е првпат по осум години, откако „Форбс“ почна да ја објавува мешовитата листа на најдоброплатени спортисти, на неа да нема ниедна жена. Минатата година честа на понежниот пол ја бранеше Серена Вилијамс, но нејзиното едногодишно отсуство од тениските терени после породувањето, влијаеше и на нејзината годишна заработувачка. Американската тенисерка за една година заработила 15 милиони долари, што не ја сместува меѓу сто најдоброплатени спортисти во светот.

„Ова е многу тажно и разочарувачко и покажува дека пред нас има уште многу работа. Има многу брилијантни спортистки и мора да им дадеме шанса да блеснат“ – изјави поранешната шампионка на 10 км., Џоан Павеј.

На листата за 2018 година која ги вклучува сите плати и бонуси во периодот од 1 јуни 2017 до 1 јуни 2018 година, главно доминираат американските спортисти. Во првите 100 се наоѓаат дури 40 кошаркари, 18 играчи на американски фудбал и 14 играчи на бејзбол.

Иако официјално е во пензија, боксерот Флојд Мејведер ја предводи листата со годишна заработувачка од 235 милиони евра. На второто и на третото место се најдобрите фудбалери во светот, Лионел Меси со 95 милиони евра и Кристијано Роналдо со 92 милиони евра.

Се вчитува...