Франција до ново ракометно финале

По машката, денеска и женската репрезентација на Франција обезбеди пласман во финалето на ракометниот турнир од ОИ, откако „триколорите“ славеа со 29-27 над Шведска во првата полуфинална пресметка во Токио. По четвртфиналниот триумф над Холандија, денеска Французинките одиграа уште еден одличен меч, совладувајќи ја селекцијата што беше најпријатно изненадување во досегашниот дел од ОИ.

Швеѓанките почнаа одлично во полуфиналето, поведувајќи со 5-2 во раната фаза од натпреварот. Француската бековска линија предводена од Алисон Пино се разбуди, па „триколорите“ веќе до крајот на полувремето направија целосен пресврт и на одмор заминаа со предност од 15-14. Дуелот беше израмнет се до последните десетина минути, кога француската одбрана беше на висина на задачата, голманката Дарло одбрани неколку клучни шутеви и ја одведе својата репрезентација во големото финале.

Заади со седум постигнати гола беше најефикасна кај Франција, Фопа постигна пет, додека кај Шведска прв стрелец беше Карлсон со шест погодоци.

Во второто полуфинале со почеток во 14 часот силите ќе ги одмерат Норвешка и Русија.

Се вчитува...