Француски „нечисти игри“: Се бара победа без борба против Македонија

Француската Ракометна Федерација објави дека нема намера да го ризикува здравјето на репрезентативците во текот на летото, сериозно ставајќи го во сомнеж одигрувањето на двата бараж дуели со Македонија закажани за почетокот на месец јули. Згора на тоа, „триколорите“ бараат да им биде доделена службена победа во овој двомеч, благодарение на подобриот ранкинг што го имаат од македонскиот национален тим.

Ставот на „триколорите“ е јасен, по период на пауза ќе мора да следи период на тренинзи на почеток од летото, а потоа официјални натпревари во јули ќе значат зголемен ризик од повреди.

Ист е ставот и за квалификациите за ракометарки кои требаше да се играат на почетокот на месец јуни, но се уште е неизвесно дали ќе бидат презакажани за нов циклус.

„Немаме намера да ги испраќаме нашите репрезентации да играат среде лето, без претходно да одиграат ниту еден официјален натпревар за своите клубови. Неверојатно е шампионатот да продолжи во јуни, со оглед на задолжителниот период од четири седмици што е предвиден за подготовки, а можно е лигите и воопшто да не се доиграат“, изјави висок претставник на ракометната федерација за весникот Л’Екип.

Французите не сакаат поместување на календарот и одигрување на баражот со Македонија во септември или октомври, туку инсистираат патникот на СП во Египет да биде одреден според пласманот на последниот европски шампионат, на кој „триколорите“беа на 14., а Македонија на 15. место. Нашата национална селекција при конечното рангирање се најде веднаш зад Франција, која исто така оствари само една победа на турнирот, но е подобро пласирана поради подобрата гол-разлика од +3.

Се вчитува...