Француските ракометарки го освоија и европскиот трон

Репрезентацијата на Франција доминира со женскиот ракомет. Ги има и светската и европската титула. Во финалето на континенталниот шампионат, на домашен терен, француските ракометарки за трофејот ја победија Русија со 24-21. Французинките и се одмаздија на Русија за поразот во финалето на Олимписките игри во Рио во 2016 година. За Франција ова е прва европска титула.

Среброто за рускиот состав е најголемиот успех за оваа селекција на европските првенства по пауза од 12 години, сребрени беа и во Шведска во 2006 година.

Првото полувреме мина резултатски неизвесно. Французинките во најголем дел имаа предност, но не повисока од два гола. На паузата заминаа со 13-12.

На стартот од вториот дел Франција остана без Алисон Пино која при изведеувањето на удар од седум метри ја погоди руската голманка Сејдокина во главата и поради тоа доби директен црвен картон. Пино беше успешна при реализацијата на пеналот, па Франција со тоа првпат дојде до три гола предност.

Во неколку наврати, Французинките не ги користеа приликите за зголемување на четири гола предност. До крајот, Русинките ниту еднаш не успеаја ниту да дојдат до израмнување, неколкупати се заканија само со намалување на негативата на еден гол.

Претходно, селекцијата на Холандија ја освои бронзата на овој шампонат откако во дуелот за третото место славеше над Романија со 24-20.

Се вчитува...