Французинот Гасли ќе вози наместо Квјат во Торо Росо

Младиот француски возач, Пјер Гасли ќе дебитира во Формула 1 на трката за ГН на Малезија што ќе се вози претстојниов викенд. Гасли кој минатата сезона ја освои шампионската титула во ГП2 серијата, ќе вози за тимот на Торо Росо како замена за Данил Квјат.

Овој 21-годишен Французин е ревервен и тест возач во екипата на Ред Бул кој е „братски тим“ со екипата на Торо Росо. Целта на тимот е да добие подобра претстава за можностите на Гасли како еден од главните кандидати кои се во конкуренција да го пополнат местото на Карлос Сајнц кој од следната сезона се сели во Рено.

„Ова е извонредна можност за мене. Мислам дека сум добро подготвен, бидејќи годинава како трет возач морав да бидам подготвен за секаква задача во Ред Бул. Ќе дадам се од себе на претстојните трки да се покажам во тимот на Торо Росо“ – изјави Пјер Гасли.

Русинот Данил Квјат сезонава не постигна некои позабележителни резултати и освои само четири бода во 14 трки. Но, според плановите во Торо Росо, тој останува во тимот и за следната сезона.

„Годинава Квјат не успеа да го покаже својот вистински потенцијал, причините беа различни, имаше и технички, но и возачки грешки. Затоа го оставивме „на клупата“ за следните неколку трки. Така ќе можеме да видиме како ќе се претстави Пјер на патеката. Но, тоа не значи дека се збогуваме со Квјат. Тој ќе остане дел од семејството на Ред Бул“– потврди шефот на Торо Росо, Франц Тост.

Траката во Ф1 за ГН на Малезија ќе се вози во недела на 1 октомври со почеток во 9 часот.

Се вчитува...