Французите го „распнаа“ Меси, неговите асистенции не се доволни!

Ѕвездата на Пари Сен Жермен, Лионел Меси пропушти можност да постигне гол на дербито против Монако во неделата вечерта, а асистенцијата до двојниот стрелец Килијан Мбапе беше недоволна да ја добие наклонетоста на француските медиуми.

Нападот пристигна од угледниот „Л’Екип“, а еден од спортските новинари му даде скромна четворка на Меси, проценувајќи дека Аргентинецот се изгубил на теренот. Уште полошо беше оценет Вајналдум, исто така овогодишното големо засилување на „светците“. Холанѓанецот беше оценет со тројка, што заедно со Меси беа одбележани како најлоши поединци во победата над Монако.

И тренерот Маурисио Покетино по натпреварот изјави дека има простор за напредок.

„Натпреварот можеше да биде многу подобар. Правиме мали чекори. Имаме силен тим со посебен квалитет, но за да постигнеме големи резултати мораме да чекориме со големи чекори. Идеалното сценарио е да доминираме 90 минути. Тоа е нашиот предизвик …“, потенцираше Маурисио.

Дека на Меси му е тешко во Париз забележа и поранешниот соиграч на Лео во Барселона, Тиери Анри, кој посочи дека му треба уште време да се навикне на новата средина.

„Верувам во него. Истото го чувствував и кога се преселив од Арсенал во Барселона. Никогаш не замислував дека ќе го напуштам Арсенал. Со преселбата во Барса стигнав до голем клуб и град, но ми требаше време да го прифатам овој трансфер”, рече Анри.

Се вчитува...