Французите полни со респект: Македонија редовно е на големите натпреварувања

Франција ќе ја има улогата на апсолутен фаворит во двомечот за бараж за СП 2021 против Македонија, но „триколорите“ со респект гледаат на нашиот национален состав. Новиот француски селектор Гијом Жиј ги предупреди своите ракометари дека ривалот во баражот не е нималку наивен, потсетувајќи дека дресот на Македонија се уште го носи легендарниот Кире Лазаров.

„По слабиот настап на ЕП, патот до СП 2021 ќе мора да го почнеме од квалификациите. Добивме квалитетен противник, Македонија е репрезентација што редовно учествува на големите натпреварувања. Тоа е докажано квалитетна селекција, а во своите редови го имаат и Кире Лазаров, легендата на нашиот спорт. За нас е чудно што мораме да играме бараж, ќе мораме да останеме максимално сконцентрирани во текот на двете средби. Првиот дуел го играме во Скопје, но како и да е решавачки ќе биде реваншот на домашен терен“, прокоментира новиот француски кормилар, кој минатиот месец го наследи Дидие Динар на чело на „триколорите“.

Првите натпревари ќе се играат во периодот 5-7 јуни, а реваншите се закажани за седум дена подоцна.

 

Се вчитува...