Французите се реваншираа на Норвешка со „прошталниот танц“ на Омејер и на Нарсис

Франција славеше со 28-24 над Норвешка, успевајќи да му се реваншира на незгодниот противник за поразот во Осло од 35-30 претрпен пред само неколку дена. Сепак, овој меч нема да биде запаметен по конечниот резултат, туку по фактот дека ова беше последен пат Тиери Омејер и Даниел Нарсис да го носат дресот на „триколорите“. Француската Федерација инсистираше легендите да се простат на официјален меч, а не со самото завршување на последното СП, па така Омејер и Нарсис и денеска настапија за националниот тим, нивни последни натпревари за селекцијата со која освоија се што може да се освои.

Омејер беше извонреден на голот и воедно меѓу најзаслужните за големата победа, додека во фазата на нападот најефикасен беше токму Нарсис со осум гола, пред Мае со пет и Дипанда со четири погодоци.

Германија го обезбеди учеството на претстојното Европско Првенство откако актуелните бранители на трофејот повторно рутински ја совладаа Словенија, овојпат на домашен терен со 25-20. Германците целата задача ја завршија во првото полувреме, поведувајќи со 14-10. Избраниците на Веселин Вујовиќ потоа се обидоа да се вратат, во неколку наврати стигнаа до „минус два“, но немаа сили за целосен камбек против моќниот противник.

Фото: handnews.fr

Се вчитува...