Фудбалот нема да продолжи за брзо време: Две опции за завршување на Првата лига!

Во моментите на светската борба со коронавирусот сосема е јасно дека активните размислувања на спортските работници се како да се завршат прекинатите шампионати, и постои ли начин да се завршат актуелните сезони.

Македонските фудбалски првенства се прекинати на неодредено време. Од ден на ден, се појасно е дека тешко и дека ќе продолжат за брзо време. Па, од овој момент веќе се наметнуваат две решенија како да се заврши сезоната во Првата македонска фудбалска лига, иако на оваа тема се уште не е разговарано во Фудбалската федерација на Македонија.

1. ОДЛОЖУВАЊЕ НА ЕП 2020 И ЗАВРШУВАЊЕ НА СЕЗОНАТА ДО 30. ЈУНИ

Погледите на комплетната европска фудбалска јавност е кон УЕФА каде утре треба да се донесе одлуката околу одржувањето на ЕП 2020. Веќе е извесно дека Европската куќа на фудбалот ќе ги одложи мартовските бараж-натпревар од Лигата на Нации за крајот на оваа година, а ЕП 2020 ќе се одложи за јуни 2021 година. Верувањето на поголемиот дел претседатели на национални европски сојузи е дека тоа е најдоброто решение.

Во еден таков случај европските национални првенства, а тука и Првата македонска фудбалска лига, ќе имаат можност евентуално шампионатите да ги завршат до крајот на јуни или првата половина на јули.

2. ПЛЕЈ-ОФ РАЗИГРУВАЊЕ ЗА ШАМПИОНСКА ТИТУЛА И ОПСТАНОК

Втората варијанта за завршување на актуелната сезона е затворање на лигата со пласманот во моментов, со тоа што на крајот од јуни би се одиграл плеј-оф за шампионска титула и за опстанок.

Во тој случај, се разбира со дополнителна вонредна промена на системот, најдобрите четири екипи би разигрувале за титулата и пласман за место на европската сцена, а последнопласираните четири екипи би разигрувале за опстанок.

Се вчитува...