Фудбалот во Германија ќе продолжи, има „план Б“ за Динамо Дрезден

Првата и втората Бундес-лига ќе продолжат согласно планот од следниот викенд, без оглед на најновата компликација што се случи со двата позитивни тестови во Динамо Дрезден, поради што целокупниот второлигашки тим беше ставен на 14-дневна самоизолација.

Веднаш се појавија стравувања дека тоа ќе влијае врз календарот и продолжението на сезоната би можело да биде одложено, но првиот човек на германските фудбалски лиги, Кристијан Сајферт, експресно ги смири страстите.

„На самиот почеток сакам да ставам до знаење дека ова е сценарио за кое се подготвувавме, што значи дека имаме решение. Тимот ќе биде 14 дена во карантин, сигурно ќе мора да се направат рокади во календарот, но имаме оставено простор за „План Б“ во вакви ситуации. Долго време работевме на овој концепт, ни беше јасно дека мораме да ги почитуваме препораките на локалните здравствени власти и тоа ни е приоритет. Динамо Дрезден нема да може да настапи на првите две средби од продолжението, но тоа не ги менува нашите планови сезоната да продолжи согласно утврдениот план“, истакна Сајферт.

Се вчитува...