Фудбалот загуби уште една легенда – почина Џек Чарлтон

Светот на фудбалот денеска жали по Џек Чарлтон, откако беше обелоденето дека долгогодишниот англиски репрезентативец почина на 85-годишна возраст, губејќи ја борбата со тешката болест. Минатата година на Чарлтон му беше дијагностициран малиген лимфом, тој исто така се бореше со дементија, за синоќа да ја загуби битката за живот.

„Џек почина, со семејството крај неговата постела. Тој беше пријател на многу луѓе, но пред се сакан сопруг, татко и дедо. Не можеме да опишеме колку сме горди на неверојатниот живот што го имаше и здоволството што им го донесе на многу луѓе од толку различни земји. Неговата смрт остава дупка во нашите живот, но благодарни сме за животот исполнет со среќни спомени“, се вели во соопштението на семејството Чарлтон.

Џек Чарлтон беше член на англиската репрезентација што стана светски првак во 1966 година. Тој целокупната играчка кариера ја мина во Лидс, одигрувајќи 773 натпревари за овој англиски клуб пред да ја заврши играчката кариера во 1973 година. Потоа имаше добра кариера и како тренер, работејќи во Шефилд венсдеј, Мидлсброу, Њукасл и како селектор на Република Ирска, репрезентација што токму под негово водство за првпат во историјата обезбеди пласман на едно големо натпреварување (ЕВРО 88).

Се вчитува...