Фудбалска „бегалка“ во летниот преоден рок – Седна да потпише за Бурсаспор, излезе и не се врати

Годинашниот преоден рок за фудбалерите донесе многу возбудувања, бомбастични трансфери, но и некои што пропаднаа во последен момент.

Најлудата приказна во летниот преоден рок доаѓа од Турција. Бурсаспор сакаше да го донесе искусниот полски репрезентативец Камил Гросицки на двегодишна позајмица. Овој 30-годишен полски фудбалер игра за Хал Сити, но клубот му одобри да оди на позајмица во турскиот клуб и се чинеше дека работата е завршена.

Гросицки пред неколку дена отпатува во Турција каде беше пречекан од голем број навивачи на Бурсаспор. Полскиот фудбалер не ја симнуваше насмевката од лицето и се чинеше дека е среќен поради трансферот и никој не очекуваше дека сето тоа на крај ќе има многу поинаква завршница.

Гросицки во четвртокот наутро стигнал во тренинг центарот на Бурсаспор, се запознал со своите идни соиграчи и заминал на задолжителните лекарски прегледи. Тие поминале во најдобар ред и останало само официјалнотото потпишување на договорот со турскиот клуб.

Од Бурсаспор организирале официјално претставување, повикале голем број медиуми во најава на големото засилување и на крај сето тоа пропаѓа на филмски начин. Гросицки седнал да го потпише договорот, а потоа му рекол на претседателот на клубот дека мора да излезе на неколку минути бидејќи некој го бара на мобилниот телефон.

Кога полскиот фудбалер излегол да се „јави на телефон“, никој не ни претпоставил дека нема да се врати. Откако Гросицки го немало повеќе од петнаесет минути, излегле да го побараат, а од него немало ни трага ни глас. Се обиделе да го добијат на телефон, но не успеале ни тоа.

Еден час подоцна добиле информација дека Гросицки седнал во автомобил и побегнал, влегол на првиот авион и се вратил назад во Англија.

Се вчитува...