Фудбалска Македонија се збогува од Истатов: „Човек со огромно срце, немаше кој не го сака!“

Комплетниот домашен фудбалски свет се збогува со едно од најголемите имиња во историјата на македонскиот фудбал, Благој Истатов кој денеска почина на 71-годишна возраст.

Неизбришиви се сеќавањата кај неговиот сограѓанин и легенда на Вардар и македонскиот фудбал, Васил Рингов кој вели дека Благој бил прекрасна личност со огромно срце кого не можеш а да не го сакаш…

Васил Рингов со Благој Истатов

„Кога заедно бевме во Партизан со Благој, живеевме во ист стан. Со Истатов како да бевме браќа. Прекрасен човек и другар со широко срце. Сите го почитуваа и од срце го сакаа. Ќе остане трајно забележан, не само во моите, туку и во спомените на сите со кои работел“ – вели Рингов.

Од Благој се збогуваше и неговиот голем пријател и долгогодишен соработник, поранешниот македонски селектор Ѓоко Хаџиевски со кого заедно стигнаа до шампионската титула со Вардар во сезоната 2002/2003 „Вечна слава на мојот брат Благој“.

„Вечна му слава на големиот човек. Почивај во мир брату мој. Големите луѓе никогаш не умираат, нивните дела остануваат за навек“ – вели и менаџерот за младински фудбал во ФФМ, Зоран Стратев.

Од Благој Истатов се збогуваа и голем број фудбалски имиња од земјава како Зоран Штерјовски, Горазд Михајлов, Гордан Здравков, како и поранешниот македонски интернационален судија Ангел Бунгуров со кого Истатов беше голем пријател…

„Замина мојот голем пријател. Вечна слава голем човеку!“ – напиша Бунгуров.

Но, и од двата струмички прволигаши ФК Беласица и ФК Академија Пандев…

„Една од најголемите фудбалски легенди на Беласица и Струмица, а воопшто и на македонскиот фудбал, за жал денес ненадејно не напушти. Благој Истатов беше синоним за фудбалот во Струмица, фудбалска икона, спортска легенда и работник кој остави голема трага во историјата на ФК Беласица и македонскиот фудбал. Со огромно жалење и неизмерна тага, изразуваме сочуство до најблиските и неговата фамилија. Почивај во мир „ШЕФЕ“, вечно ќе живееш помеѓу нас“ – се збогуваше и ФК Беласица од својата легенда.

„Со голема тага ја примивме тажната вест за смртта на еден од најдобрите македонски голмани Благој Истатов, кој денеска почина на 71 годишна возраст. ФК Академија Пандев изразува сочуство до фамилијата и неговите најблиски, засекогаш ќе бидеш дел од нас „Шефе“. Почивај во мир и вечна ти слава!“ – пишува во своето обраќање до јавноста и ФК Академија Пандев.

Македонската фудбалска легенда, Благој Истатов,  ќе биде погребан утре во 14 часот на Градските гробишта во Струмица. Претходно, во 11 часот ќе се одржи комеморативна седница во големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.

Се вчитува...