Фудбалска Македонија се збогуваше од Брацо Вујчиќ: Големиот човек кој помагаше секому (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Фудбалската федерација на Македонија пред бројни фудбалски работници денеска во хотелот „Континентал“ во Скопје организираше комеморација за Слободан Вујчиќ – Брацо, еден од најголемите помагатели на македонскиот спорт изминативе 30 години, кој почина на 15.јуни на 70-годишна возраст.

Во присуство на членови на семејството на Вујчиќ предводени од неговиот син Штефан Вујчиќ, пред претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини и генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, пред неговите најблиски соработници Бранко Радевски и Александар Заковски, но и поранешните финансиери во македонскиот фудбал Рафет Муминовиќ, Александар Забрчанец – Ацуле, поранешни и актуелни македонски фудбалери, за ликот и делото на Брацо Вујчиќ зборуваше неговиот долгогодишен соработник, Атанас Костовски.

„Сите ние кои сме тука, а кои за жал на овој начин не собра Слободан Брацо Вујчиќ, доволно зборуваме за големината на овој човек. Пријателот на Македонија и македонскиот спорт кој не знаеше да одбие никого, огромен добротел кој остави за сите нас премногу изминативе 30 години откако пристигна во нашата земја. Сите оние фудбалски и спортски колективи кои ги помагаше безрезервно, од Македонија ЃП, Цементарница 55, Тетекс, Победа, Еуромилк ГЛ, Работнички… па се до неговата најголема љубов ФК Вардар, добро знаат кој беше и што значеше за македонскиот спорт Брацо Вујчиќ. Огромен хуманист кој засекогаш ќе го паметиме“ – истакна Костовски, кој потсети и на бројни неправди кои, наспроти се, го следеа Вујчиќ.

„Но, од друга страна големо прашање е што му подаривме ние за возврат. Во сите овие 30 години единствена, верувајте единствена, статуетка која ја доби е признанието ‘Мајка Тереза’, и ништо друго. А, поддржуваше бројни проекти и во уметноста, финансираше сам бројни пишани изданија и книги, голем спонзор и на Фудбалската федерација на Македонија, беше донатор на комплетната опрема за македонската олимписка делегеција на ЛОИ 2004, а ни го подари бесплатно и директниот ТВ пренос од првиот натпревар на македонската репрезентација против Словенија во Крањ… За возврат ние во Македонија му подаривме многу неправди. Начинот на кој со три судски одлуки без ниту едно одржано рочиште, без никаква правда, му беше одземена неговата најголема љубов ФК Вардар пред седум години дефинитивно го уништи. Со таквите неправди сите ние во оваа земја дополнително му го скративме животниот век, наспроти неговата огромна љубов и дарежливост за оваа земја“ – рече Костовски.

Повеќе од емотивно беше обраќањето на Зоран Стратев, тренерот кој најдолго во неколку клубови ја имаше довербата од Вујчиќ, а кој како стратег го донесе Вардар на само чекор од групната фаза во Лигата на шампионите.

„Може ли да се опише само со неколку зборови личност како Брацо? Голем човек, огромно срце, отворена душа за секого. Можеше со часови да сослушува секого, веднаш подготвен да помогне секому без разлика дали треба или не… Многу не задолжи сите нас“ – низ солзи порача популарниот Жути.

Од големиот пријател Брацо се збогуваа и поранешниот прв човек на прилепска Победа, Александар Забрчанец, како и поранешниот финансиер на Слога Југомагнат, Рафет Муминовиќ, но и Слободан Несторовски како и претставници од ФК Борец, клуб кој последен го помагаше изминативе години.

Присутни на комеморацијата беа и раководствата на ФК Македонија ЃП, ФК Работнички, ФК Тетекс, ФК Цементарница 55, ФК Победа…, но не и од раководството на ФК Вардар, со исклучок на присуството на актуелниот тренер Александар Васоски кој и беше фудбалер на клубот во време кога го финансираше Слободан Брацо Вујчиќ. Според многумина ФК Вардар беше тој кој мораше да организира комеморација за својот поранешен финансиер. Но, клубот кој најмногу му должи на Вујчиќ не го удостои ниту со едно сеќавање на својата официјална страница.

„Во овој момент не зборуваме за другите кој и што како заборавил, но сите ние кои бевме во тимот на Брацо изминативе години ете искрено благодариме на Фудбалската федерација на Македонија, и овие добри луѓе од ФФМ, кои се сетија и организираа да спомнеме за ликот и делото на Вујчиќ“– истакна Атанас Костовски.

Се вчитува...