Фудбалските клубови се незадоволни од предлог-критериумите за ваучер-системот

Фудбалските клубови од Првата и од Втората лига во Македонија го изразија своето незадоволство од предлог – критериумите за спортски клубови во врска со најавениот ваучер-систем за спонзорирање во спортот преку одредено даночно олеснување овозможено со Законот за данок на добивка. За првпат по подолг период сите прволигаши и второлигаши се обединија на неформален состанок во хотелот „Александар Палас“ во Скопје и зазедоа категоричен став по ова прашање.

Фудбалските клубови од двете конкуренции се единствени и едногласни во ставот дека понудените критериуми се апсолутно неприфатливи за нив, направени се спротивно на интересите на фудбалот и не одговараат на реалните потреби за работење и егзистирање во најквалитетните лиги во најмасовниот спорт во државата.

Заеднички став на сите клубови е дека за фудбалот треба да бидат направени издвоени, посебни критериуми според кои ќе бидат рангирани екипите од овој спорт.

Затоа фудбалските клубови најавуваат дека во наредниот период заеднички ќе изготват нови предлог-критериуми кои сметаат дека ќе бидат многу поадекватни за потребите во фудбалот и дека надлежните инстанци ќе имаат разбирање и ќе ги имплементираат во идните законски решенија.

Ваквата инцијатива е поддржана и од Фудбалската федерација на Македонија.

Истовремено беше покрената иницијатива и за формирање на Здруженија на клубовите од Првата и од Втората лига.

Се вчитува...