Гачевски: На дуелите меѓу Вардар и Работнички секогаш решаваат ситници

Голманот на Вардар, Филип Гачевски, очекува неизвесна битка на градското дерби против Работнички што ќе биде на програмата утре со почеток во 19 часот на Националната Арена „Филип Втори“. Вардар сезонава има три победи и две нерешени средби во петте досегашни натпревари, а Гачевски се надева на нов позитивен резултат.

„Играме дерби против Работнички, градско дерби кое што сметам дека ќе го одлучуваат повторно ситници после минатите натпревари. На овие мечеви победуваат тимовите кои ќе ги искористат шансите и кои ќе бидат помотивирани. Работнички е екипа за респект, загубија минатото коло и сега сигурно ќе сакаат да се поправат. Меѓутоа нашата цел е три бода и ќе дадеме се од себе да ја исполниме. Атмосферата во екипата е одлична, и сите сме подготвени за  уште еден триумф. Освен оној натпревар со Беласица на гости кој сметам дека требаше да го добиеме, на останатите ја исполнивме целта. Нема враќање назад, одиме напред, да ја продолжиме оваа серија, на секој натпревар да освојуваме бодови. Само така можеме да дојдеме до првото место на крајот од сезоната“, истакна Гачевски.

Вардар моментно се наоѓа на делба на второто место на табелата со 11 бода, исто колку што има и шампионот Шкендија, додека Работнички се наоѓа на четвртата позиција со девет бода на своето салдо.

Се вчитува...