МЗТ Скопје денеска во 17 часот гостува на Цибона во својот последен меч од првиот круг од натпреварувањето во АБА-лигата, со поразителни две победи и десет порази во досегашните 12 одиграни средби. Ова воедно ќе биде и деби на клупата на аеродромци на Драган – Гаги Николиќ, кој пред неколку дена го презеде раководењето со овој клуб по отказот што му беше врачен на Александар Петровиќ.
За Николиќ доаѓањето во Македонија и обидот за спас на клуб што се наоѓа на работ на амбисот, не е ништо ново, откако се најде во иста ситуација во сезоната 2016/17, тогаш како кормилар на Карпош Соколи. За потсетување, Србинот го наследи својот сонародник Матиќ, кој ги загуби првите седум натпревари на Карпош Соколи во дебитантската сезона во АБА1, а клубот се наоѓаше закован на дното на табелата. Соколи го загубија првиот меч по тренерската смена, на гостувањето против ФМП, но потоа влегоа во неверојатна серија од одлични игри и резултати, почнувајќи од домашниот триумф над Будуќност, по што следеа и победи над Цедевита, Морнар, Олимпија… Не само што опстанокот беше обезбеден, туку Николиќ и Карпош Соколи ја завршија сезоната на делба на осмото место со скор од десет победи и шеснаесет порази.
Овојпат ситуацијата исто така е крајно компликувана, МЗТ Скопје има само две победи досега, а згора на тоа првите средби против директните ривали за опстанок, Сплит и Борац Чачак беа играни на домашен терен, што значи дека ќе следат „жешки гостувања“ на кои ќе мора да се победи ако се сака да се побегне од дното на табелата.
Гаги Николиќ еднаш успеа да извлече македонски клуб од амбисот на АБА1, останува да се види дали тоа ќе може да го повтори и сезонава со МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА