Галтие: Мбапе го напушти тренингот поради повреда, не поради несогласувања

Тренерот на ПСЖ Кристоф Галтие изјави дека клубот и Килијан Мбапе го расчистиле недоразбирањето кое настана вчера. Новиот капитен на Франција беше крајно разочаран од рекламата која излезе.

Тој го искажа својот револт преку објава на Инстаграм, но тренерот Галтие кажа дека вчера стигнал расположен на тренинг, но дека истиот го напуштил порано поради повреда.

Мбапе се налути на управата што го користела него без негова согласност за продажба на сезонските билети за идната сезона. Тој по тој повод кажа:  „Воопшто не се сложувам со објавеното видео, затоа и се борам за играчите да раководат со сопствените имиџ-права. ПСЖ е голем клуб и големо семејство, ама секако не е Килијан Сен Жермен“.

Галтие рече дека недоразбирањата меѓу клубот и фудбалерот се веќе надминати.

„Многу ми е тешко да зборувам за ова, бидејќи е работа меѓу Килијан и клубот. Тој пристигна на тренинг расположен и подготвен за работа. Се смешкаше. Имаше свој начин на реагирање, но знам дека и тој и раководството ја коментираа оваа ситуација. Тој го напушти тренингот малку порано поради проблеми со колкот, но тоа нема да го спречи да игра викендов“, изјави Галтие.

Се вчитува...