Галтие во одбрана на Меси: Не разбирам како можат навивачите да го исвиркаат најдобриот играч (ВИДЕО)

Зад ПСЖ е уште еден неуспех во француското првенство откако „светците“ загубија од Лион со 0-1 на „Паркот на Принцовите“ во 29. коло. Натпреварот го отслика и лоша игра на Лео Меси кој беше во центарот на вниманието и пред почетокот на истиот.

Аргентинскиот ас беше исвиркан на стартот на натпреварот, а сите негови соиграчи беа дочекани со аплауз од навивачите на ПСЖ. Причината е елиминацијата во осминафиналето од Лигата на Шампионите, но и фактот дека не го продолжи договорот со тимот.

По натпреварот во негова одбрана застана тренерот Кристоф Галтие кој вели дека навистина не го разбира потегот на навивачите.

„Не ги разбирам критиките кон него. Чекаме тој или Килијан Мбапе да ја решат ситуацијата. Тој ја води нашата игра, од него многу зависи и има многу обиди за креација оттука доаѓаат и изгубените топки. Не смееме ние да се потпреме на нив двајца. Исвиркувањето по мене нема смисла бидејќи даде многу во првиот дел од сезоната, беше наш најдобар стрелец и асистент. И другите мораат да помогнат и да внесат опасност“, вели францускиот стратег.

Се вчитува...