ЕКИПА во Манчестер,
Владимир Булатовиќ
Англија вечерва на „Олд Трафорд“ ќе ја пречека репрезентацијата на Македонија во квалификациите за ЕП 2024, дуел на кој „гордиот албион“ како актуелен европски вицепрвак сосема очекувано ја има фаворитската улога. Без оглед на разликата во квалитет и реноме во пресрет на двете селекции, Англичаните се свесни дека Македонија им е крајно незгоден ривал, против кого немаат победа на домашен терен иако веќе одиграа две средби пред своите навивачи против нашиот национален тим.
Весникот „Гардијан“ во коментарот пред натпреварот ги предупредува селекторот Саутгејт и неговите избраници дека Македонија веќе докажа дека може да им ги замрси сметките на „големите европски селекции“, потсетувајќи на нашите големи победи на гостувањата против Германија и против Италија.
„Кога Македонија се пласираше на ЕВРО 2020, можеше да се расправа дека оваа репрезентација се најде во елитата поради изумот на УЕФА да им даде шанса на помалите земји за ваков успех преку Лигата на Нации. Сепак, Македонците покажаа дека можат да се носат дсо најдобрите. На ЕП претрпеа три порази, но прикажаа добри игри, а во квалификациите за СП завршија второпласирани, зад Германија, но пред Романија и Исланд. Да потсетиме, победата од 1-2 во Диузбург над Германија донесе огромна радост на навивачите на оваа репрезентација, а оваа селекција ја шокираше Италија среде Палермо во мундијалскиот бараж. Напредокот е огромен ако се знае дека оваа селекција во октомври 2015 се најде на 136. место на ФИФА-листата, во земја во која кошарката и особено ракометот долги години беа далеку попопуларни спортови“, пишува „Гардијан“.
Македонија има покажано дека го игра најдобриот фудбал против најсилните ривали во Европа, зошто тоа да не го повтори и вечерва на „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА