Аурелио де Лаурентис донесе конечна одлука – Руди Гарсија од утре повеќе нема да биде тренер на Наполи откако италијанскиот првак бележеше слаби резултати и катастрофални партии под водство на овој стручњак.
Де Лаурентис размислуваше на оваа тема и минатиот месец, тогаш реши да му даде нова шанса на Гарсија, но претседателот на Наполи сега ја увиде грешката. „Наполитанците“ денеска одиграа катастрофален меч со Емполи губејќи со 0-1, а Де Лаурентис дури и пред последниот судискиот свиреж го напушти стадионот, видно разочаран од она што го виде на теренот.
„Газета дело спорт“ објави дека одлуката е веќе донесена, а Де Лаурентис веќе ја почнал процедурата за раскин на договорот со Гарсија, што официјално ќе биде потврдено во текот на утрешниот ден. Како главен фаворит за нов тренер се споменува Игор Тудор, хрватскиот стратег кој летово си замина од кормилото на Олимпик Марсеј.
Смената на Гарсија е одлична вест и за нашиот Елиф Елмас, ако се знае дека македонскиот репрезентативец добиваше минимална минутажа кај овој стратег, откако лани даде значаен придонес за освоеното шампионско скудето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА