Гасол се простува од кошарката: Можеби дуелот против Реал Мадрид ќе биде мојот последен во „Блауграна“

Пау Гасол, еден од најдобрите европски играчи на сите времиња, објави дека може да го одигра последниот натпревар во кариерата вечерва во финалето на плејофот од шпанската лига. Одличниот центар ќе ја предводи Барселона во Блауграна, која води во финалната серија со 1-0 против Реал Мадрид.

Триумф на вечерашниот натпревар ќе им ја донесе 19-та титула во историјата, а за Гасол тоа би бил трет трофеј со каталонскиот клуб.

„Ова може да биде мојот последен натпревар во Блауграна. Мислев дека ќе ја завршам кариерата многу порано, со оглед на бројните повреди што ги имав. Можеби ова ќе биде најубавиот крај“, рече Гасол.

Пау се приклучи на Барса во февруари оваа година. Тој постигна 4,6 поени и 2,4 скока во Евролигата, каде Барселона беше поразена од Ефес во финалето. Гасол имаше многу позабележителен учинок во АЦБ-лигата со 10,3 поени, 4,9 скока и 1,2 асистенции.

На првиот натпревар од финалето во кој Барселона направи брејк во Мадрид, тој постигна осум поени и исто толку скокови.

„За мене тој е повеќе од соиграч. За мене, Пау е брат. Кога ќе го видите како ужива во играта, тоа е од непроценливо значење. Драго ми е што тој е дел од Барса, тој дојде во клучен момент за нас“, истакна Никола Миротиќ.

Се очекува Гасол да настапи за Шпанија на ОИ во Токио, по што ветеранот и официјално ќе и каже збогум на кошарката.

Се вчитува...