Гасперини: Во понеделникот фудбалот веќе немаше смисла, браво за Пеп, Клоп и за Де Зерби

Тренерот на Аталанта, Џампјеро Гасперини, не го криеше задоволството од експресниот распад на проектот наречен Суперлига на Европа. На прес-конференцијата пред утрешниот дуел со Рома искусниот стручњак јавно ги пофали Пеп Гвардиола и Јирген Клоп за отворените коментари против Суперлигата, како и Де Зерби од Сасуоло, кој изјави дека воопшто не сака да го води тимот против Милан, во знак на протест поради односот на „росонерите“ кон останатите италијански клубови.

„За среќа, сеега можеме да зборуваме за фудбал, утре ќе се игра одличен ме од големо значење. По она што го видовме во понеделникот, се чинеше дека фудбалот веќе нема да има никаква смисла, но работите се променија. Имам огромна почит за Гвардиола и Клоп, чии тимови беа дел од Суперлигата, но тие отворено ги кажаа своите ставови против натпреварувањето. Браво и за Де Зерби и за неговата изјава, но и за сите фанови на Челси, Ливерпул… сите оние кои направија нешто и дадоа придонес за проектот во стартот да биде урнат“, изјави Гасперини.

Токму Аталанта е еден од оние позитивни примери во европскиот фудбал, клуб со лимитиран буџет кој се бори рамо до рамо со најсилните екипи во Италија, а со Суперлигата и се закануваше пат кон колапс.

„Во последните два три дена се изнаслушавме за спортски заслуги, тоа е она што ние го правиме и на што сме горди. Играме на теренот, победуваме и се надеваме дека уште повеќе ќе напредуваме. Ова што се случи ни е само мотив повеќе да продолжиме со уште посилна работа. Се што сме направиле, го имаме остварено на теренот и бескрајно сме горди на тој факт“, порача стратегот на Аталанта.

Се вчитува...