Гатузо: После толку години миланското дерби го врати својот сјај

Во пресрет на миланското дерби, тренерот на „росонерите“ Џенаро Гатузо, вели дека градското дерби после толку години повторно е од големо значење во италијанскиот фудбал. Милан и Интер утре ќе ги вкрстат силите на „Сан Сиро“ за да го комплетираат 30. коло од Серија А, а „Рино“ очекува неговиот тим да забележи позитивен резултат со помош на поддршката од навивачите.

„Интер доста се промени во изминатиов период, на последните неколку натпревари постигнаа 10 гола, а не примија ниту еден. И ние сме во добра форма. Против Јувентус игравме добро, штета што го загубивме тој меч, но, очекувам да го повториме настапот од таа средба. Добро ќе ни дојде поддршката од навивачите. Мора да им се оддолжиме со триумф за рекордот кој го направија со купување на билетите во пресрет на ова дерби. Поради ова сметам дека миланското дерби си го врати стариот сјај“, истакна Гатузо.

Се вчитува...