„Ѓаволите“ се перфектни на „Олд трафорд“

Манчестер јунајтед продолжи со серијата импресивни игри на домашен терен забележувајќи нова победа, овојпат против „фенерџијата“ Кристал палас со 4-0. Играта на тимот на Жозе Мурињо функционира беспрекорно, па така денеска два гола постигна Фелаини, а по еднаш меѓу стрелците се запишаа Мата и Лукаку, кој го израмни рекордот на Енди Кол постигнувајќи голови на првите седум премиерлигашки средби во дресот на „црвените ѓаволи“.

За доминацијата на Јунајтед на домашен терен најдобра потврда е статистиката која вели дека не само што овој тим има максимални 12 бода на четирите средби на „Олд трафорд“, туку и импресивна гол-разлика од 14 постигнати и ниту еден примен гол.

Славен Билиќ може барем за кратко да здивне откако Вест хем славеше на мечот против Свонси со голот на Сакхо постигнат во судиското продолжение.

Во драматичен финиш славеше и Стоук, кој го скрши отпорот на Саутемптон (2-1) со погодокот на Питер Крауч во 85. минута. Ватфорд исто така се радуваше во судиското продолжение, откако со голот на Ричарлисон во 95. минута оваа екипа се спаси од пораз на гостувањето против ВБА (2-2).

Резултати Англија:

Хадерсфилд – Тотенхем 0-4, Бурнемаут – Лестер 0-0, Стоук – Саутемптон 2-1, ВБА – Ватфорд 2-2, Вест хем – Свонси 1-0.

Се вчитува...