„Ѓаволите“ во проблем: Ќе мора да игра Мегваер…

Манчестер Јунајтед прокоцка два гола предност во финишот од синоќешниот дуел со Севилја, но уште поголем проблем за тренерот Тен Хаг се повредите на двајцата најдобри дефанзивци на тимот, Рафаел Варан и Лисандро Мартинез.

Варан поради повреда на мускулот не беше во тимот ниту на последниот премиерлигашки меч, синоќа се врати, но пак се повреди и мораше да биде заменет. Уште посериозно делуваше повредата на Мартинез, кој падна на теренот без дуел и противнички играч околу него и проблемот не делуваше нималку наивно откако на рацете на фудбалерите на Севилја беше изнесен од теренот.

Тен Хаг по мечот изјави дека ќе ги почека лекарските прегледи пред да даде конкретен коментар за повредите и отсуствата на двајцата стартери, но фановите со право се загрижени, бидејќи со ваквиот развој на настаните повторно стартер ќе мора да биде Мегваер, кој си постигна малерозен автогол во финишот од дуелот со Севилја.

Веќе е повреден и најдобриот стрелец Маркус Рашфорд, а дополнителна главоболка за Тен Хаг е што Бруно Фернандез поради жолтиот картон заработен синоќа нема да може да игра на реваншот со Севилја.

Се вчитува...