Сопственикот на романскиот прволигаш Ботошани, Валериу Ифтиме е презадоволен што ќе игра со Шкендија во 2. квалификациско коло за Лигата на Европа.
Веднаш по денешната ждрепка, Ифтиме во изјава за „Дигиспорт“ вели дека е среќен што се избегнати далеку подобри тимови на кои можеше да налета неговиот тим, но и поради фактот дека Ботошани на домашен терен ќе го пречека македонскиот тим.
„Интересно. Ова е одлична шанса за нас. Одлично е што ќе играме дома и што избегнавме тимови како Партизан, или патувања на некои подалечни дестинации. Домашниот терен ќе биде предност за нас и оваа шанса не смееме да ја пропуштиме. Секако никако не смее да има потценување за противникот, но му благодарам на Бога што ни даде тим кој можеме да го минеме и да се пласираме во третото квалификациско коло што е наша огромна желба“ – вели Ифтиме.
Во редовите на Ботошани настапуваат и повремените македонски репрезентативци Давид Бабунски како и Стефан Ашковски, кој во минатото настапуваше и за тетовска Шкендија.
Натпреварот меѓу Ботошани и Шкендија во Романија ќе се игра на 17. септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА