Газдата на Ливерпул јавно им се извини на Клоп, на фудбалерите и на навивачите

Ливерпул беше еден од клучните клубови во проектот „Суперлига на Европа“, па иако „црвените“ доцна синоќа се откажаа да бидат дел од новото натпреварување, навивачите останаа бесни на управата што воопшто решила да тргне по ваков пат.

Првиот човек на Ливерпул, Џон Хенри, утрово преку видео-порака јавно им се извини на тренерот Јирген Клоп, на сите фудбалери на клубот, како и на навивачите на гигантот од „Енфилд роуд“.

„Сакам да им се извинам на навивачите на Ливерпул за случувањата што ги предизвикав во овие 48 часа. Јасно е дека овој проект никогаш немаше да се реализира без поддршка на навивачите, но стана јасно дека ставот на сите фанови ширум Англија е идентичен. Во овие 48 часа стана јасно дека проектот е неодржлив. Ве слушнавме. Јас ве слушнав. Сакам да им се извинам и н Јирген Клоп, на директорот Били Хоган, како и на сите фудбалери, на сите оние кои работат напорно за да ги направат нашите навивачи горди. Тие немаат апсолутно никаква одговорност за она што се случуваше. Пред повеќе од една деценија, кога дојдовме во Ливерпул, сонувавме соништа како вас, работевме многу за да го унапредиме клубот и нашата работа не е завршена. Се надевам дека ќе разберете дека и кога грешиме, тоа го правиме во интересот на клубот“, изјави Хенри.

Се вчитува...