„Газење“: Партизан ја понижи Црвена Звезда, за мајсторка во финалето на АБА-лигата

Шампионот на АБА-лигата ќе биде решен со мајсторка откако Партизан неочекувано лесно и убедливо ја декласираше Црвена Звезда со 112-84, израмнувајќи на 2-2 во финалната серија. Дуелот беше одигран пред помал број на гледачи поради казната изречена врз Партизан за инцидентите на последниот натпревар, но тоа не им пречеше на избраниците на Жељко Обрадовиќ да издоминираат и да стигнат до убедлив триумф.

Она што е интересно, Црвена Звезда беше подобар ривал на самиот почеток, откако гостите за пет минути игра поведоа со убедливи 14-22. Клучно се покажа влегувањето во игра на Лесор и на Аврамовиќ, „црно-белите“ влегоа во серија од 10-0, а потоа издоминираа до крајот на четвртината што ја добија со убедливи 35-27. Фуријата на домашните кошаркари продолжи и во вториот период, во кој нападот функционираше феноменално, а одбраната беше подобар од првиот период, па на одмор се замина со убедливи 68-43, во најефикасното полувреме на еден тим во историјата на финалните натпревари од АБА-лигата. Победникот беше решен, а „црно-белите“ знаеја како да ја одржат убедливата предност до самиот крај, за зголемена самодоверба пред клучниот меч за титулата.

Аврамовиќ со 24 поени и шест асистенции беше главна фигура во таборот на Партизан, Лесор постигна 19, а Мадар 12 поени за победничкиот тим. Во таборот на Црвена Звезда најефикасни во денешниот пораз беа Холинс со 19 и Добриќ со 16 поени, а целосно потфрли Никола Калиниќ, кој за 21 минута игра постигна само три поени.

Се вчитува...