Гечевски: Со салата нема никаков криминал, ние ја добивме со одлука на Влада

Објавувањето на почнатата постапка на Антикорупциската комисија против Даниел Димевски околу закупот на просторот околу СРЦ Кале предизвика огромно внимание во спортската јавност. Станува збор за сала што Димевски на официјална прес-конференција ја врачи на користење на кошаркарската федерација, од каде реагираат дека немаат никаква улога во скандалот што е на повидок.

„Сакаме да се стави до знаење дека ние салата ја добивме со одлуката на Владата на Македонија и тука нема никаков криминал. Она за што се пишува по медиумите се однесува на други делови од земјиштето и нема никаква врска со кошаркарската федерација. Во текот на утрешниот ден ние ќе излеземе со официјални документи околу добивањето и условите за користење на оваа спортска арена. Во меѓувреме, би апелирале до одредени криминимални структури, кои го користат моментот да се јават со разно-разни конструкции, да не не внесуваат нас во своите криминимални игри“, изјави за ЕКИПА директорот во КФСМ, Тодор Гечевски.

Кошаркарската федерација беше прва што доби на располагање спортска сала за своите потреби, оваа арена служеше за работа со помладите категории, како и за подготовки на женската сениорска репрезентација. Иако од Владата и од АМС истакнуваа дека вакви сали ќе добијат уште неколку спортски федерации, тие најави никогаш не се реализираа.

Се вчитува...