Гечевски: Успех на репрезентацијата значи успех на цела Македонија

Македонската кошаркарска репрезентација и официјално ги стартуваше подготовките за квалификациите за Евробаскет 2021. „Црвено-жолтите“ ќе влезат во новиот циклус на чело со новиот селектор Александар Тодоров, а директорот Тодор Гечевски очекува добри игри и остварување на зацртаната цел – враќање на Македонија на големите кошаркарски натпреварувања.

„Се ближи и најважниот настан до реализација, како федерација се подготвувавме да обезбедиме најдобри можни услови, верувам дека селекторот и кошаркарите ќе бидат задоволни од тоа. Успехот на репрезентацијата е успех на цела Македонија, затоа и сакаме преку овие квалификации да ја вратиме кошарката онаму каде што припаѓа. Како федерација сме фокусирани на натпреварот со Естонија, тоа е прв меч за отворање на овие квалификации, по квалитет сме малку подобри од нив и имаме реални шанси да го добиеме овој натпревар. Со тоа би се создала и позитивна атмосфера за натамошниот дел од квалификациите“, изјави директорот на КФСМ, Тодор Гечевски.

Капитенот Војдан Стојановски смета дека селекторот и кошаркарите ќе имаат доволно време за подготовка, за стопроцентно да се влезе во дуелот со Естонците.

„Денеска почнуваме со тренинзи, имаме доволно време да се подготвиме за тој прв натпревар со Естонија, што е многу важен за нас. Имаме и една пријателска средба за воигрување, како капитен посакувам да бидеме здрави, да се подготвиме добро и да одиграме добар натпревар со Естонците“, истакна Стојановски.

Се вчитува...