Калифа Гедбан минатата сезона беше резервен голман во Вардар, но по заминувањето на Милосављев сега е подготвен да се бори за првотимски статус во таборот на „црвено-црните“. Алжирскиот голман во интервју за официјалната веб-страница на ЛШ на ЕХФ говореше за почетокот на својата македонска авантура и фантастичниот успех – освојувањето на европската титула.
„Беше многу тешко на почетокот, мораше да биде средена целокупната документација. Сепак, штом стигнав во Скопје со семејството добро се адаптиравме. Бевме одлично прифатени од луѓето во клубот и од соиграчите, па веднаш заборавив на сите проблеми. Да се стигне до Келн е неверојатен успех, а да се освои титулата, и тоа со победа во финалето над Веспрем, тоа дефинитивно ми е најдобар момент во кариерата. Сите сега знаат за проблемите со кои се соочувавме во текот на сезоната, но покажавме лојалност. Тоа е она што го разликува Вардар од сите останати клубови. Дадовме се од себе, ги направивме Македонците горди на нас, тоа чувство беше неверојатно“ – истакна Гедбан.
Алжирецот во текот на летово заплови во брачните води, па не беше премногу фокусиран на ракомет се до доаѓањето назад во Скопје.
„Вниманието ми беше насочено кон свадбата, целиот одмор го користев во планирање. Сега тоа е готово и се насочив целосно кон ракометот. Анализирам бројни натпревари за да видам како шутираат најразличен тип на ракометарите. Без разлика дали ќе играм или не против нив годинава, сакам да соберам што повеќе информации, тоа е многу важно за да продолжам да се развивам“ – изјави Калифа Гедбан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА