Генералниот менаџер на Фенербахче: Елмас е многу важен играч за нас!

Турскиот гигант Фенербахче има голема верба дека македонскиот мегаталент Елиф Елмас ќе биде огромно засилување и ќе се развие во важен играч на клубот. Ова за првпат јавно го истакна Махмут Услу, генералниот менаџер на клубот, кој е одговорен и за односи со медиумите.

„Елиф Елмас е исклучителен талент и е многу важен играч за нас. За него се интересираа голем број европски клубови, а ние успеавме да го придобиеме. Сега ја чекаме одлуката на ФИФА. Испративме барање до ФИФА, и ја чекаме оваа важна информација“, изјави Махмут Услу за турските медиуми.

Фенербахче упати посебно барање до ФИФА за да добие дозвола да го регистрира Елиф Елмас до 8 август, кога истекува летниот трансфер рок за регистрација на нови фудбалери во турскиот шампионат. Елиф Елмас ќе стане полнолетен на 27 септември, и дотогаш не смее да биде регистриран како професионален фудбалер, освен доколку тоа не го дозволи ФИФА.

Фенербахче во меѓувреме се обидува да доведе уште неколку засилувања, меѓу кои и Хатем Бен Арфа, офанзивниот играч за врска на Пари Сен Жермен.

Се вчитува...