Георгиевски е „црвено-црн“: Му кажав ДА на Вардар!

Десното крило на македонската репрезентација, Гоце Георгиевски, ќе ја зголеми базата на домашни играчи во Вардар откако денеска потпиша двогодишен договор со „црвено-црните“. Георгиевски има зад себе успешна сезона во ЧСМ Букурешт во која беше избран за најдобро десно крило во романското првенство, но понудата од Вардар била премногу добра за да биде одбиена.

„Можам да потврдам дека се договоривме. Со Вардар имам двогодишен договор и едвај чекам да почнам да настапувам за овој клуб. Доаѓам во актуелниот првак на Европа, тоа само по себе e голема чест, но носи со себе и обврска и притисок. Едвај чекам повторно да заиграм во Лигата на Шампионите“, изјави Георгиевски за ЕКИПА.

Во игра за потпис со десното крило беше и неговиот поранешен клуб Металург, но Георгиевски на крајот сепак се реши да ги прифати понудените услови од новото раководство на Вардар.

Со ангажманот на овој ракометар „вардарци“ одлично ја покриваат и позицијата десно крило, каде веќе го имаат Чупиќ, па останува во најскоро време „црвено-црните“ да се засилат со среден и со десен бек, со што би се комплетирал ростерот за наредната натпреварувачка сезона.

Се вчитува...