Георгиевски: Можеме до СП, но Романците никако не смееме да ги потцениме

Македонската ракометна репрезентација денеска ги дозна ривалите во двата баражи во квалификациите за СП 2023. Нашите ракометари најпрвин во март ги очекува двомеч со селекцијата на Романија, а доколку успеат да ја минат оваа пречка, тогаш во месец април во директна пресметка со Чешка ќе одлучуваат за мундијалскиот билет.

И двата ривали се добро познати, со Романија игравме во баражот за СП 2019 и успеавме да го елиминираме овој противник, додека со Чешка во изминатите десетина години многу често се среќававме, како во квалификациите, така и во групните фази од големите натпреварувања.

„Искрено верувам дека можеме до пласман на светското првенство, и Романија и Чешка се репрезентации што можеме да ги победиме ако одиграме на највисоко можно ниво. Сепак, мислам дека сега воопшто не треба да размислуваме за Чесите, туку само за Романија и тоа како да ја минеме оваа прва пречка. Тоа е селекција со квалитетни ракометари, повторно го вратија Чави Пасквал за тренер и едно е сигурно, нема да ни биде лесно. Романците никако не смееме да ги потцениме, само со максимална ангажираност и на двете средби ќе го елиминираме овој ривал. Потоа, ќе размислуваме и за Чешка“, истакна Гоце Георгиевски, еден од најискусните во македонската репрезентација.

Се вчитува...