Предолгиот период без официјален натпревар е главниот проблем на Вардар во пресрет на утрешниот дуел со Фленсбург во четвртото коло од Лигата на Шампионите. Свесен за тоа е и македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски, кој без оглед на се најавува максимално ангажирана игра на „вардарци“ во обид да се стигне до првата овосезонска победа.
„После подолго време ни доаѓа да одиграме еден натпревар, дуел со Фленсбург. Тоа е добро познат противник, тим што се наоѓа во одлична форма. Плус за нив е што имаат зад себе многу натпревари, се наоѓаат во добра серија, во добар ритам. За нас ќе биде потешко од таа гледна точка бидејќи цел месец сме без официјална средба. Ни останува она што го работевме на тренинзите во овие месец дена без натпревар, сега да го покажеме на терен. Мислам дека Фленсбург е незгодна екипа што е добра во транзиција, има исклучително брз напад со премногу добри ракометари. Доколку ние одиграме она што го работевме на тренинзите ќе биде малку полесно, но пак ќе кажам – да немаш цел месец ниту еден официјален натпревар, не знаеме каде сме, до каде ни е формата. Очекувањата секако се да стигнеме до позитивен резултат, ќе бориме максимално ангажирано и дисциплинирано за да стигнеме до поволен исход на овој натпревар“, истакна Георгиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА