Георгиевски: Верувам дека репрезентацијата под водство на Лазаров ќе има успешна иднина

Македонската ракометна репрезентација во полн состав ги продолжува подготовките за квалификацискиот двомеч со Данска на патот кон ЕП 2022.

И Гоце Георгиевски повторно е на располагање на националниот тим, кој сега под водство на Кире Лазаров означува нов почеток. Светскиот шампион е голем фаворит, но секој поединец во репрезентацијата е подготвен да се подобри впечатокот од настапот на СП.

„Означуваме еден нов почеток под водство на Кире Лазаров кого го очекува вистински предизвик, затоа што воопшто не е лесно да се биде и играч и тренер. Но, добро ги знаеме сите неговите квалитети и ракометно знаење, па ние останатите како подддршка ќе се обидеме само да го направиме овој нов старт на репрезентацијата позитивен. Новиот стручен штаб дебитира против светскиот и олимписки шампион, но сигурен сум дека оваа репрезентација под водство на Лазаров во иднина ќе има успеси“ – вели Георгиевски.

Данска е голем фаворит пред овие натпревари, но…

„Знаеме дека Данска е голем фаворит, свесни сме што не очекува. Но, ние треба да се фокусираме само на нашата игра. Не смее да бидеме под резултатски притисок но да се одигра најдобро што се знае и умее, и преку дуелите со Данска добро да се подготвиме за следните натпревари со Финска и со Швајцарија, преку кои треба да го бараме патот до ЕП“ – дополнува Георгиевски.

Македонската репрезентација по првите два квалификациски меча има две победи, домашната против Финска и со Швајцарија на гости. Дуелот со Данска во Скопје се игра во четврток (11. март) од 20 часот во А1 арената во СЦ „Борис Трајковски“.

Се вчитува...