Георгиевски за ЕКИПА: Доста е со играње, сега ќе бидам коментатор и ќе отворам Академија во Австралија

Даниел Георгиевски, екс репрезентативецот на Македонија, стави крај на својата играчка кариера. Македонецот кој дресот со државниот грб го носеше 22 пати, заврши со играњето, и сега се посветува на други активности.

ЕКИПА разговараше со Георгиевски кој откри што ќе работи во иднина.

„Нема да играм повеќе, сега ќе се посветам повеќе на семејството и на пријателите. Мислам дека имав добра кариера. Бев репрезентативец на Македонија, играв во Лигата на шампионите, потоа во најсилната лига во Австралија. Минав многу убави моменти со фудбалот и во Европа и во Австралија и мислам дека е доста. Во иднина ќе бидат коментатор, тука, во Австралија. Планирам да отворам и фудбалска Академија“, рече Георгиевски за „ЕКИПА“.

Одлуката за крај на кариерата ја имал донесено уште пред неколку недели.

Георгиевски е роден во Блектаун во Австралија, а неговото потекло е од штипско. Почнува да игра фудбал во Маркони Салајонс, а потоа продолжува во Европа. Динамо Загреб го забележа неговиот талент и го ангажираше во 2006 година, кога Даниел имал 17 години. Меѓутоа никогаш не успеа да се наметне во првиот тим на Динамо Загреб, па потоа замина во Меѓимурје и Шибеник. Во 2012 година го прави трансферот во Стеауа Букурешт. Тој трансфер ќе се покаже како полн погодок, бидејќи со тимот ќе игра во Лигата на шампионите. Во групата ќе бидат Челзи, Шалке и Базел, а романскиот тим ќе нема ниту една победа, и со три бода ќе го заврши натпреварувањето на последното место.

Во квалификациите Стеауа играше против Вардар, и го мина со вкупни 5:1, а Георгиевски играше и на двата меча.

Против Челзи на домашен терен си постигна и еден автогол. Тогаш за „сините“ играа Торес, Ширле, Мата, Тери, Давид Луиз, Оскар, Чех, предводени од Жозе Мурињо. За Базел во тоа време играше Салах, додека за Шалке играа Драклсер, Колашинац, Фарфан…

За селекцијата на Македонија настапуваше од 2011 до 2015 година. Дебитираше против Русија во квалификациите за ЕП 2012 година кое се одржа во Полска и Украина. За четири години одигра 22 меча, а потоа откако се пресели во Австралија, повеќе не настапуваше за националниот тим.

Освои две титули во Романија и две титули во Австралија. Во 2017 година го освои медалот „Џо Марстон“ кој се доделува на играчот на мечот во финалето во Австралија, иако неговиот тим Мелбурн Виктори тогаш го загуби финлето.

Се вчитува...