Ѓер шокиран во ЛШ, Брест е прв финалист во Будимпешта

Францускиот првак Брест е првиот финалист на фајналфор турнирот во Лигата на Шампионите што се игра во Будимпешта, по драматичниот триумф во полуфиналната пресметка против Ѓер. Отпорот на унгарскиот гигант беше скршен дури во пенал-рулетот, во кој Гулден го постигна решавачкиот пенал, за прво финале во Лигата на Шампионите во историјата на Брест.

Брест беше подобар тим во првиот дел, откако Французинките по негативата од 4-3 постигнаа пет гола во низе, поведоа со 4-8 и го контролираа резултатот до крајот на полувремето. На одмор се замина со водство на Брест од 8-11, позитива што францускиот тим ја одржуваше и во првите десетина минути од второто полувреме, кога стигна до водство од 11-15. Сепак, францускиот состав не успеа да го издржи високото темпо, па се соочи со огромни проблеми во нападот.

Во периодот од 39. до 52. минута Брест не постигна ниту еден единствен погодок, Ѓер успеа да направи целосен пресврт и да поведе со 17-15, преземајќи ја контролата над резултатот. Французинките имаа шанса за израмнување откако тргнаа во контранапад при 20-19, но голманката Силје Солберг го запре обидот за лоб. Ѓер доби меч топка по досудениот пенал над Аморим, но унгарскиот гигант не успеа да го реализира седмерецот. Брест го искористи последниот напад и преку Јаукович се избори за израмнување и продолженија. Во драматичните дополнителни десет минути Ѓер го имаше последниот напад за победа, но Сандра Тофт одбрани уште еден зицер на Нзе Минко, по што Брест не успеа да искреира ништо во преостанатите девет секунди, па ова суперинтересно полуфинале беше решено со пенал-рулет.

Ана Грос е најдобар стрелец во ЛШ сезонава, но бекот на Брест не успеа да го искористи првиот седмерец во овој рулет, но на спротивната страна непрецизна беше и Кристијансен. Пресудна се покажа третата серија во која Нзе Минко не го реализираше својот пенал, за Гулден во последната серија да погоди крај Лејно за огромна радост на Брест и прво европско финале на овој француски прволигаш.

Се вчитува...