„Германците“ добиваат слободен ден, Митревски вечерва ќе и се приклучи на репрезентацијата

Ракометната репрезентација на Македонија ги стартуваше подготовките за бараж двомечот против Романија за пласман на Светското првенство 2023 година во Полска и Шведска. Бундеслигашите Жарко Пешевски и Филип Миркуловски во текот на денот ќе и се приклучат на репрезентацијата, но денеска ќе добијат слободен ден поради тоа што вчера имаа првенствени натпревари, додека Никола Митревски од Порто се очекува да стигне во Скопје доцна вечерва.

Во репрезентацијата ќе недостигаат повредените Дејан Манасков, Мартин Велковски и Марко Мишевски за кои се знаеше и претходно, а сите кои што се приклучија во тимот немаат проблеми со повреди.

„Жарко Пешевски и Миркуловски ќе пристигнат во текот на денот. Денеска ќе имаат слободен ден бидејќи вчера играа натпревари во Герменија. Ќе бидат на видео анализите, но ќе имаат слободен ден на тренинзи. Утре наутро ќе ни се приклучат на тренинзите. Никола Митревски ќе стигне доцна вечерва и од утре веќе ќе биде на погон. Освен Дејан Манасков, Мартин Велковски и Марко Мишевски за кои од претходно знаеме дека нема да можат да ни помогнат, другите играчи сите се подготвени“, изјави селекторот Лазаров. 

Првиот натпревар против Романија ќе го играме на домашен терен во четврток, додека реваншот е два дена подоцна.

Се вчитува...