Германците го чуваат селекторот: Гисласон потпиша до 2024 година

Алфред Гисласон ќе продолжи да ја извршува функцијата селектор на ракометната репрезентација на Германија и во наредните три години, откако исландскиот стратег денеска потпиша нов договор со федерацијата, со важност до 2024 година.

Раководството на германската „куќа на ракометот“ објави дека ја продолжува соработката со трофејниот стручњак, кој ќе ја води селекцијата на СП во Полска и Шведска во 2023, како и на ЕП во Германија во 2024 и на ОИ во Париз истата година (доколку Германците се пласираат на Олимписките Игри). Гисласон седна на клупата на Германија во февруари 2020 година, задоволувајќи ги високите критериуми на челниците на федерацијата.

„Со сето искуство што го поседува, Алфред Гисласон одлично се вклопува во нашата желба за подмладување. На младите играчи кои доаѓаат во националниот тим ќе им биде неопходен врвен стратег како што е Алфред. Затоа, денеска беше донесена одлука за продолжување на соработката со Гисласон, за репрезентацијата да има континуитет во работата“, изјави претседателот на Германската Ракометна Федерација, Андреас Михелман.

Се вчитува...