Германците ја совладаа Русија за збогување со ЕП

Германија триумфално го заврши настапот на овој европски шампионат откако во вечерашниот последен меч славеше над Русија со 30-29. Германскиот национален тим беше меѓу најпогодените од коронавирус за време на ЕП 2022, тоа сериозно се одрази врз резултатите во главната групна фаза, па денешната победа значеше освојување на скромното четврто место во групата, пред Русија и Полска.

Германците подобро го одиграа првото полувреме, поведоа со 7-5, а нешто подоцна и со 10-6. Руските репрезентативци покажаа карактер и стигнаа до израмнување од 12-12, но следеше фуриозен финиш на полувремето на Герамнија, која со четири гола во низа замина на одмор со предност од 16-12. Почетокот на вториот дел донесе поинаква слика на теренот, Русите набрзина постигнаа три гола (16-15) и се вратија во натпреварот. Гисласон побара тајамут во 43. минута откако противникот израмни на 21-21, но германските ракометари се уште се соочуваа со истите проблеми, а Русија на девет минути до крајот стигна и до водство од 26-25, со голот што од контранапад го постигна Санталов.

До крајот на мечот се играше гол за гол, а во последните две минути се влезе со израмнети 29-29. Германската одбрана беше на висина на задачата и изнуди пробивање, додека на спротивната страна Русите добија исклучување, па германските ракометари со играч повеќе го имаа последниот напад. Гисласон побара тајмаут, а веднаш потоа следеше извонреден цепелин и реализација на Цикер на 11 секунди до крајот. Рускиот последен напад заврши без конкретен удар, за пораз на „зборнаја“ и пад на петтото место во групата, за крајот на настапот на овој европски шампионат.

Цикер, Гола и Рајхман постигнаа по пет погодоци за победничката селекција, додека Косоротов со осум постигнати гола беше најефикасен во рускиот табор и на оваа средба.

Се вчитува...