Германците немаа сили за изненадување против Норвешка

Десеткуваната репрезентација на Германија го претрпе и вториот пораз во низа во главната групна фаза во Братислава, губејќи од Норвешка со резултат 23-28. Германците се соочија со огромни проблеми со коронавирусот на овој европски шампионат, последните две средби ги играат без дури дванаесет позитивни ракометари, па логично беше тоа да се одрази врз игрите и резултатите на Б-составот на селекторот Гисласон.

На денешниот дуел тие парираа се додека голманот Битер бранеше во топ-форма. Тој одбрани неколку зицери на Норвежаните, Германците имаа и водство од 4-2 и 5-3, а последната позитива ја имаа со минимални 6-5. Норвешка потоа ја презеде контролата, замина на одмор со водство од 12-14, за потоа скандинавската селекција уште на стартот од полувремето да ја зголеми позитивата и да го реши прашањето на победникот.

Голманот Бергеруд беше одличен на голот на Норвешка, во нападот Сагосен постигна скромни четири погодоци од осум обиди, а најефикасен беше Тофт со седум гола.

Се вчитува...