Гевгелија добива моќен прволигаш: Се фузираа Блокотехна и Кожув

Гевгелија од следната сезона во Првата македонска кошаркарска лига, место досегашните два, ќе има само еден клуб откако денеска и официјално е постигнат договор за фузија на Блокотехна и Кожув.

И двата клуба официјално постигнаа договор за идна фузија со што следната сезона Гевгелија во елитното друштво ќе има еден, но моќен клуб – КК Кожув.

Фузијата беше тема на разговор во кошаркарските кулари и изминативе месеци, но денеска и дефинитивно е постигнат официјален договор. Целта е јасна, Кожув да биде тим со сериозен буџет и сериозни амбиции кој ќе игра значајна улога покрај на домашната сцена, и во меѓународните натпреварувања.

Што се однесува до КК Блокотехна, од раководството на овој клуб нагласуваат дека се подготвени да го отстапат своето место во Првата лига доколку се појави сериозен проект за вложување во македонската кошарка.

Наредниве денови се очекува да биде назначен и новиот тренер на КК Кожув кој сигурно ќе биде Македонец, како и комплетирањето на играчкиот кадар за следната сезона.

Се вчитува...