Главоболки за Кочов пред дербито со Работнички

Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, се соочува со сериозни проблеми со составот во пресрет на денешниот дерби дуел против Работнички (17.30 часот, сала „Градски парк“). Имено, актуелниот вицешампион на овој натпревар нема да може да смета на услугите на двајца домашни кошаркари, Андреј Маслинко и Љубомир Младеновски, а крајно неизвесен е и настапот на Марко Симоновски.

Во ситуација кога се уште е валидно правилото на тројца македонски играчи на терен, јасно е дека овие повреди му создаваат уште поголеми главоболки на Кочов пред тактичкото надмудрување со Марин Докузовски.

„Дербито ни доаѓа во незгоден момент, бидејќи имавме само еден ден за подготовка по тешкото гостување кај Сутјеска и напорниот пат до Никшиќ. Но, пресметките со Работнички секогаш се посебна приказна и сигурен сум дека моите играчи ќе најдат мотивација и енергија да издржат и да ги надополнат празнините кои ги имаме во тимот поради неколкуте повредени. А, ако го сторат тоа, тогаш сигурен сум дека ќе може да славиме во ‘Градски парк“ – истакнува Кочов во пресрет на денешното дерби.

Се вчитува...