Глигоров: Вардар може тимски да му се спротивстави на Реал Сосиедад

Македонскиот првак Вардар вечерва (19 часот) го игра третиот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа. На арената „Филип Втори“ гостува шпанскиот тим Реал Сосиедад, а „црвено-црните“ се надеваат дека можат да стигнат до првите европски бодови против силниот ривал.

Искусниот играч за врска Никола Глигоров смета дека Вардар може да му се спротивстави на Реал Сосиедад со тимска игра.

„Ние можеби немаме индивидуалци како Реал Сосиедад, но сигурно дека со една добро позиционирана тимска игра можеме да им се спротивставиме и да ја бараме нашата шанса на овој меч. Играме на домашен терен и веруваме дека ќе добиеме и импулс од публиката, да успееме да ги освоиме првите бодови во Европа“, вели Никола Глигоров.

Вардар има два порази во првите две кола. На стартот доживеа дебакл во Скопје од рускиот Зенит (0-5), а потоа загуби со 3-1 од Розенборг во Норвешка.

Се вчитува...