Глишиќ со солзи се прости од Вардар: Се вратив да помогнам кога беше најтешко, сега го оставам на помладите

Во последниот натпревар во баражот, Вардар успеа да ја победи Детонит Плачковица, и идната сезона одново да играат во прволигашката сезона. Меч со многу емоции, со многу солзи, после кој од „црвено-црните“ се збогуваше Дарко Глишиќ, кој идната сезона нема да го носи дресот на најтрофејниот македонски колектив.

Глишиќ со солзи во очите после вчерашниот бараж во кој Вардар остана во прволигашката конкуренција. Тој по вторпат се врати во својот матичен клуб. Го напушти во 2010, па после неколку години во 2014 се врати меѓу „црвено-црните“, па во 2021 одново стана дел од клубот. Учествуваше во баражот за пласман во Првата лига во 2023 година против Скопје, и сега една година подоцна за опстанок.

„Се вратив во Вардар кога беше најлошо и кога на тимот му беше најтешко, за да помогнам. Сега заминувам, ќе имам нова средина. Горд сум што му помогнав на Вардар да остане дел од Првата лига. Мислам дека за мене е време за предизвик, а за Вардар е време некои млади да ја преземат улогата и да бидат носители на клубот во иднина. Во моето срце секогаш има место за Вардар, и му посакувам многу успеси во иднина и многу подобри денови“, рече Глишиќ.

Во штотуку завршената сезона, Глишиќ ја носеше и капитенската лента, а запиша и седум асистенции. Главно беше задолжен за прекините, после кои неговите соиграчи постигнуваа голови, доволни да му се обезбеди на Вардар бараж за опстанок во Првата лига.

Се вчитува...