Го напушти Партизан и потпиша за Морнар

Сашо Филиповски и Боби Митев го стартуваа најавениот „мини-ремонт“ во Партизан со заминувањето на Немања Гордиќ, кој својата кариера ќе ја продолжи во Морнар. Одличниот плејмејкер пристигна во Партизан во 2019 година на инсистирање на Тринкиери, но по заминувањето на италијанскиот стручњак тој бележеше и значителен пад во формата.

Морнар веќе неколку години инвестира огромни суми во доведување на квалитетни засилувања, па кога Гордиќ стана достапен за трансфер тимот од Бар експресно реагираше, договарајќи ги сите детали од трансферот.

„Постигнат е договор, Гордиќ доаѓа во Морнар. Останува само да го почекаме временскиот рок за да добие дозвола за настап во АБА-лигата, тоа е дуелот со Задар на почетокот од 2021 година“, потврдија од раководството на Морнар за српскиот портал „Моцарт Спорт“.

Желба на македонскиот тандем на клупата на Партизан е местото на Гордиќ во таборот на „црно-белите“ да му припадне на Американецот Најџел Вилијамс Гос, кој во сезоната 2017/18 веќе го носеше дресот на овој белградски клуб.

Се вчитува...